ОЈО: Од Клиниката за онкологија се обезбедени бројни материјални докази

Тимот на обвинители и истражители сослуша неколку вработени на Клиниката за онкологија. Исто така, и околу 20 пациенти доброволно се пријавиле на телефонската линија на Основното јавно обвинителство за да помогнат во истрагата со своите сознанија. За спроведување на финансиската истрага, одговорно ќе биде Одделението за финансиски истраги во Министерството за внатрешни работи, а одредени дејствија беа побарани и од Управата за финансиско разузнавање. Се очекува Министерството за здравство и Фондот за здравство да достават извештај за работата на Клиниката, велат од ОЈО, додавајќи дека постојат основани сомневања за сторено кривично дело против здравјето на луѓето и за проневера во службата на Клиниката за онкологија.
„Основното јавно обвинителство Скопје формираше тим од стручни лица кои го анализираат севкупното економско и финансиско работење на Клиниката, како и ги анализираат податоците од историјатот на пациентите. Од Клиниката се обезбедени бројни материјални докази и документација, кои веќе се предмет за анализа. Објавени се досиеја со историја на лекување на групи пациенти кои примиле биолошка терапија на Клиниката, како и медицинска историја на околу 40 други пациенти за кои се врши директна контрола на податоците за третманот“, рекоа од ОЈО.
Министерот за здравство не може да донесе одлука за суспендирање на лекари и медицински сестри за кои постои сомневање дека се вклучени во шеми на злоупотреби во Онкологија. Еден од нив е поранешниот директор Нино Васев, кој по истиот скандал што го откри телевизијата Алсат М во есента минатата година, по што беше принуден да се повлече од позицијата медицински директор, продолжува да работи во оваа клиника како специјалист со истите пациенти.
Во однос на наодите од извештајот на Државниот завод за ревизија на Клиниката за онкологија, во предистрага ќе бидат консултирани ревизорите, кои го изготвиле извештајот и ги констатирале состојбите. Основното јавно обвинителство, користејќи ги каналите за меѓународна соработка и размена на информации, ќе побара податоци од надлежните органи во Косово и Албанија за пациенти од тие земји кои биле лекувани со одредени терапии во Северна Македонија, како и за можни сознанија за нелегална препродажба на лекови за третман на пациенти со рак во тие земји.
Аднан Ќаили