ВМРО-ДПМНЕ: Власта амнестира само криминалци

Власта амнестира само криминалци, а не и оние кои ја сакаат државата, вели лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски, коментирајќи го новиот предлог закон за амнестија што го најави власта, алудирајќи на осудените за случувањата на 27 април, за кои неговата партија долго време бараше амнестија.
Премиерот Димитар Ковачевски вели дека нема да бидат амнестирани тешки кривични дела.
Предлог-законот за амнестија предвидува осудените лица кои се осудени на казна затвор до шест месеци целосно да се ослободат од издржување на казна, а лицата осудени на казна затвор над шест месеци да се ослободат од издржување на 30% од казната. Амнестијата, според предлогот, не се однесува на лица осудени со првосилни одлуки: за доживотен затвор, за кривично дело „Убиство“, за кривични дела против изборите и гласањето, за кривични дела против родовата слобода и моралот и кривични дела „Грабеж“ и „кражба“, за кривични дела против државата, за кривични дела „Измама на штета на средствата на Европската унија“, „Перење пари и други приходи од кривични дела“, „Злоупотреба на службената положба и овластување“, „Несовесно работење“, „Поткуп“, „Давање поткуп“, за кривични дела вршење на семејно насилство и родово насилство.
Иницијативата ја најави министерот за правда, Кренар Лога, кој при последната посета на затворот Идризово, вели дека амнестијата е неопходна и итна поради мизерните услови во затворите.
Фатлуме Дервиши