ВЕСТИЗДРАВСТВОМАКЕДОНИЈА

ПРОТЕСТ – се бара ново судење и нов процес за модуларната болница

Роднините на 14-тте жртви од модуларната болница во Тетово бараат оставка од републичкиот јавен обвинител и сите обвинители и судии кои учествуваа во судењето за трагедијата што се случи на 8 септември 2021 година. На протестот организиран пред Републичкото обвинителство во Скопје, членови на семејствата и други граѓани упатија сериозни обвинувања против правосудните органи за прикривање на вистината за пожарот во модуларната болница.

Advertisements

„Ние како семејство бараме разрешување на обвинителот Љубомир Јовески, заедно со останатите обвинители Бесир Алиу, Ханефи Амети, Зорица Павловиќ и Дејан Петрески инволвирани во прикривање на кривичното дело. Отворањето на судска постапка каде поради пожарот на обвинителна клупа ќе седнат министерот за здравство како нарачател и компанијата БРАКО како добитник на тендерот. Повторно судење и преиспитување на претходните пресуди во судот во Тетово“, вели роднина на загинат.

Демонстрантите велат дека обвинителството за да ги заштити одговорните за оваа трагедија, не само што не ги земало во предвид вештачењата на германските експерти, туку и ги криеле. Според нив, ова уште еднаш докажува дека животот во Македонија е заложник на тендери за материјални придобивки на луѓето поврзани со власта.

„Тие денес не се меѓу нас само затоа што не бил почитуван ниту еден градежен стандард. Животот на граѓаните во оваа земја е заложник на богатството и тендерите кои носат големи профити. Се докажа дека корупцијата убива. Корупцијата во оваа земја убива. Сите зборуваат за интеграција во Европската унија и владеење на правото, но во оваа земја не се почитува најсветото, човечкиот живот. 14 жртви, нула денови затвор“, вели роднина на загинат.

Основниот суд во Тетово ги осуди двајцата директори на болницата на една и пол година условна казна. Флорин Бесими и Артан Етеми нема да ја отслужат казната ако не го повторат делото во рок од три години. Барањето за одговорност и повторно судење беше актуелизирано по новинарското истражување, односно документарен филм на организацијата Истражувачка репортерска лабораторија – ИРЛ, насловена како „Убиство во Тетово“. во неа беше откриено дека модуларните болници за лекување на ковид пациенти, вклучувајќи ја и онаа што изгоре во Тетово, биле изградени несоодветно и биле заобиколени многу законски процедури.

Алсат

Прикажи повеќе

Related Articles

Back to top button