МНР без детали зошто се протерани руските дипломати

Македонија протерува тројца руски дипломати од земјава. Конкретните причини засега остануваат непознати. Неофицијално, станува збор за политички советници во руската амбасада во земјава. Тие биле прогласени за непожелни личности пред четири дена, но МНР реши да информира дури денеска откако вчера прва за случајот информираше официјална Москва.
„На 12 септември, во Министерството за надворешни работи беше повикан Амбасадорот на Руската Федерација кому му беше врачена дипломатска нота, со која тројца дипломати во Амбасадата на Руската Федерација во Скопје беа прогласени како непожелни во државата (persona non grata). Ваквата одлука е донесена по информациите добиени од надлежните органи за превземени активности кои се во спротивност со Виенската конвенција за дипломатски односи“, наведоа од МНР.
За протерувањето на руските дипломати вчера откри портпаролката на руското МНР, Марија Захарова. Таа најави дека случајот нема да биде оставен без одговор, поради како што рече, „неодговорниот и непријателски напад од властите во Северна Македонија“.
„Констатираме дека северомакедонските власти продолжуваат по патот на влошување на конфронтацијата, продолжуваат кон ќорсокак и покрај актуелната криза во билатералните односи. Одлуката за протерување на нашите колеги ја оценуваме како несоодветна желба на раководството на оваа земја уште еднаш да им ја претстави на западните чувари својата значајност во борбата против наводната ‘руска закана’“, рече Захарова.
МНР овојпат реши да не открива детали која е конкретната причина за протерувањето, освен дека е прекршена Виенската конвенција. Земјава последно, минатата година протера петмина руски дипломати, а и тогаш од МНР истакнаа дека одлуката е донесена поради прекршување на Виенската конвенција за однесување на дипломати. Сепак, потоа беше допрецизирано дека таа одлука е донесена врз основа на информации од безбедносно-разузнавачките служби.
Лука Андреев