Судење за „Титаник“: Новите измени на Кривичен, засега не го ослободија Груевски

Денешното рочиште за случајот „Титаник“, каде обвинет е и екс-премиерот Никола Груевски заврши без конкретен исход дали обвинението за него е застарено. Според анализа на невладините организации кои ја следат работата на судството, со последните измени на Кривичниот законик, за Груевски би застарело делото „злосторничко здружување“ во овој предмет, кој се однесува на изборни нерегуларности.
Ниту Обвинителството ниту одбраната денеска не побара да се констатира дали делото за Груевски е застарено. Обвинителката Лиле Стефанова, во неформален разговор, информира дека ставот ќе го соопштат за време на завршните зборови. Не е прецизирано кога ќе дојде ред на завршните зборови во случајот, но тоа не се очекува да се случи наредниот месец или два.
Сепак, на 16-темина обвинети ќе продолжи да им се суди за кривичните дела „повреда на избирачкото право“, „повреда на слободата на определување на избирачите“, „поткуп при избори и гласање“, „уништување изборен материјал“ и „злоупотреба на средства за финансирање изборна кампања“.