Охриѓани се разбудија со мирис на запалено ѓубре

Не можеме прозорец да отвориме, не се дишe, реагираат oхриѓани, откако деновиве повторно беше запалена депонијата Буково, а неподнослива миризба и чад се шири кон Охрид.
„Вие не знаете каков мирис е тоа, страв да ве фати. Најмногу мириса рано наутро и навечер, после десет часот. Цело лето е вака. Кога и да отвориш е катастрофа. Не знам зошто нема контрола на ништо“…
„Мирис цело лето има. Целото небо е во чад. И ноќе човек кога ќе легне, наместо да се одмори се гуши во мирис“…
„Пластиката гореше и тоа за мене е штета голема.Толку убава природа, а човек треба да се труди да ја сочува, а тој ја расипува.Се надевам дека еколошката систуација ќе се среди. Од цел свет има туристи. Кога ќе дојде некој има слушнато за убаво езеро, но еден дел убаво, на друга страна ќе се разочара“, реагираат граѓаните.
Од Центарот за јавно здравје во Охрид велат дека ваквиот чад е штетен по здравјето на луѓето.
„На таа депонија се одлага најразновиден не селектиран отпад што ја зголемува опасноста од бројни штетни соединенија кои доаѓаат во воздухот. Пред се мислам на азотни и сулфурни оксиди кои се исклучително штетни, ако се најдат во воздухот во концентрации поголеми од дозволените. Прашина, чад и сето тоа влијае врз респираторниот систем затоа што до најситените делови од белите дробови доаѓаат тие штетни честички, а потоа и до крвотокот и до другите органи.При врнежите од дожд цела таа депонија се мие и таа вода понира и ги загадува и подземните води што е опасност во иднина“, рече Сашо Точков, директор на Центар за јавно здравје-Охрид.
Точков апелира до надлежните најскоро да преземат мерки кои ќе го решат овој проблем. Од Охридски комуналец велат дека пожарот бил подметнат од непознат сторител и оти било пријавено во полиција. Сега депонијата се третирала со земја.Велат дека не станува збор за локален проблем и оти треба да се забрза процесот за изградба на регионална депонија. Рокот кој министерката за животна средина го даде за нејзина изградба е 2024 година.
Мики Трајковски