Скопје ќе ги почне преговорите со ЕУ кога ќе го измени Уставот, вели новата бугарска еврокомесарка

Северна Македонија ќе ги започне преговорите за членство во Европската Унија (ЕУ) кога ќе ги исполни критериумите и ќе го измени својот Устав, вели новата бугарска еврокомесарка Илиана Иванова во интервју за БНТ на првиот ден од стапувањето на функцијата во Европската комисија (ЕК).
Говорејќи се односите со С Македонија и прифаќањето на земјава во ЕУ, Иванова е категорична дека не се можни исклучоци.
„Проширувањето е другиот важен приоритет што беше споменат минатата недела. Критериумите се многу важни и важат за сите со еднаква сила. Сите земји кои се на пристапниот пат преземаат конкретни обврски. Во случајот со Северна Македонија, имаме обврски за промени во уставот, имаме два протоколи на Договорот за добрососедство и пријателство кои мора да се исполнат. Правилата се јасни. Нема и не може да има исклучоци од страна на Комисијата. Нема шанси Комисијата да ја врши работата на земјите кандидати“, вели Иванова во интервјуто за бугарската национална телевизија.
Илиана Иванова е нов еврокомесар за иновации, истражување, култура, образование и млади. Нејзиното именување на функцијата беше одобрено од Европскиот парламент на 12 септември.