МВР нашло само 230 килограми марихуана во Мојанци, а не 2 тона!

Припадниците на МВР нашле само 230 килограми марихуана во полициската акција во Арачиново што траеше два дена. Таа била најдена во куќа во селото Мојанци и засега тоа е едвај една осмина од украдената марихуана на фирмата „Херб индустри“ од валандовско Јосифово која се проценува на околу2 тона. Ова доцна попладнево го обелодени Јавното обвинителство. Во нивната истрага се осомничени шестмина за кои бараат притвор, а од нив четворица веќе избегале. Обвинителството едни ги гони бидејќи имале намера да ја продадат украдената марихуана, а други за фалсификување документи.
„Осомничените предметното возило натоварено со наркотичната дрога го следеле со уште две товарни моторни возила. Сите осомничени заедно се упатиле во објект во Скопје од каде возилото кое било претходно натоварено со наркотична дрога марихуана, го однеле на Кванташки пазар во Скопје од каде го однеле до с. Мојанце, општина Арачиново каде од страна на петоосомничениот, дел од наркотичната дрога во количина од 231 килограм била одземена…“
Министерот Спасовски денеска не сакаше да каже колкава количина марихуана била запленета. Тој кажа дека истрагата е проширена и сега се осум осомничени.
„Во тек е истрагата и работиме на ова. Значи, не можеме преку медиуми да ја водиме истрагата, ве молам.“
Полицијата два дена по ред не кажа дека заплениле само 230 килограми марихуана од украдените два тона.
Igor Stefanovski