
Нападот врз косовските полицајци во неделата беше терористички напад и тој треба да се истражи и неговите извршители и оние кои го испланирале треба да се соочат со правдата, изјави денеска портпаролот на Европската комисија за надворешни работи и безбедносна политика Петер Стано.
– Ова позиција на ЕУ е повторена неколку пати и нашите партнери знаат за неа, додаде Стано на денешната прес-конференција.
Запрашан за коментар за изјавата на српскиот претседател Александар Вучиќ дека според Договорот од Брисел меѓу Белград и Приштина, убиените косовски полицајци во неделата воопшто не требало да бидат таму, Стано изјави дека ЕУ нема да ги коментира поединечни изјави што доаѓаат од регионот.
– ЕУ беше јасна во својот став и очекувањата и советите до страните околу обврските што треба да се преземат сега. Тоа што се случи во неделата беше многу сериозно и за одговорните ќе сноста последици. ЕУ нема да ја коментира секоја одделна забелешка во врска со настаните во неделата. Сите треба да се однесуваат одговорно и да помогнат во расчистувањето на тоа што се случи, порача Стано.