ВЕСТИМАКЕДОНИЈА

Бујар Османи: „Бугарија постојано ќе формулира нови барања“

Влезот во ЕУ е најдобрата гаранција за идентитетот, порача министерот за надворешни работи Бујар Османи во интервју за германскиот дневен весник „Франкфуртер алгемајне цајтунг“. Според него, граѓаните во земјава се против идентитетско-политички конфликти во процесот на проширување на ЕУ, но во оваа насока додава дека од предложените уставни измени нема таква опасност. Сепак, прашан дали по уставните измени може да се очекува нова препрека од Софија, Османи одговори дека не се знае што може да се случи утре.

Advertisements

„Динамиката во бугарската политика е толку несигурна што не се знае што ќе донесе утрешниот ден. Прилично сум сигурен дека Бугарија постојано ќе формулира нови барања“, вели Османи.

Додека сè уште постојат неизвесности за евроинтегративниот процес на земјава, особено поради уставните измени, земји-членки на Унијата се залагаат земјите од регионот, меѓу кои и Македонија, да имаат повеќе бенефити пред самото членство. Долг период Австрија најавуваше план за земјите од Западен Балкан, а според австриската државна телевизија ваквиот нон-пејпер официјална Виена веќе го испратила во Брисел. Според пишувањата на медиумот, фокусот е поставен на дополнителни финансии за регионот, како и за поголема политичка соработка.

„Ние сакаме и ни требаат земјите од овој регион на наша страна. Тие се клучен партнер и составен дел од нашето европско семејство… Земјите од Западен Балкан треба редовно да бидат канети неформално да учествуваат на состаноците на Советот на ЕУ“, се наведува во австрискиот нон-пејпер.

Процесот на проширувањето ќе биде главната тема на претстојниот Самит на Унијата во Гранада, Шпанија на 5 октомври. Домашните власти очекуваат на овој Самит најавата на претседателот на Европскиот совет Шарл Мишел за проширување во 2030 година да се преточи во конкретен заклучок на европските институции.

Лука Андреев

Прикажи повеќе

Related Articles

Back to top button