Бугарската асимилација на Македонците е руски интерес

ВМРО-ДПМНЕ нема да отстапи за уставните измени. Ставот го повтори претседателот на партијата Христијан Мицкоски, кој потсети дека според опозицијата, преку прифатениот предлог од минатата година ќе се овозможи асимилација на македонскиот народ. Во ваквата намера на официјална Софија, како што додаде Мицкоски, Бугарија секогаш имала поддршка од Русија и оттаму ја повика и Европа да не дозволи да се остварат руските интереси на Балканот.
„Во историјата наназад секогаш кога Бугарија се обидувала да го асимилира македонскиот народ или да го негира македонскиот идентитет, позади таа акција секогаш стоела поддршката од страна на Русија, односно руските интереси на Балканот“, рече Мицкоски.
Од друга страна, премиерот Димитар Ковачевски истакна дека се разговара со пратеници од опозицијата за поддршка на уставните измени, на база на вредности и принципи. Тој повторно повика на широко обединување за поддршка на евроинтеграцискиот пат на земјава. Сепак, власта од поодамна ја загуби безусловената поддршка од албанскиот опозициски блок, кој побара при отворањето на Уставот да се промени формулацијата „20%“ со „албански јазик“. Во спротивно, трите опозициски партии, односно БЕСА, Алтернатива и Демократското движење, како што најавија, нема да ги гласаат уставните измени.
Премиерот Ковачевски истакна дека според работната група што ги составуваше предлог-измените, клучен процес е евроинтеграцијата и тие се задржале на исполнување на обврските што Скопје ги презело кон Брисел. За терминот што се употребува за албанскиот јазик, Ковачевски рече дека за негова промена е потребен поширок консензус, зашто формулацијата е договорена во рамки на Охридскиот рамковен договор.
„Рамковниот договор, тој беше донесен во едни тешки услови, низ еден компромис кој го гарантираа и САД и ЕУ и секоја промена таму секако дека ќе бара поширок консензус од сите политички партии коишто се потписници. Затоа велам дека во моментов ние имаме една голема цел, којашто ни е на дофат и којашто треба да ја оствариме“, рече Ковачевски.
Последно, претставниците на власта изразија увереност дека процесот на уставните измени би финиширал до крајот на годинава. Сепак, сè уште нема најава кога спикерот Талат Џафери ќе го закаже продолжение на седницата на која единствено остана да се гласа за потребата за отворање на Уставот, за што е неопходно двотретинско мнозинство.
Лука Андреев