Државата ќе ги „чисти“ мечките од Жировница со чистење на дивите депонии

Мечките и понатаму ги преплашуваат селаните во дел од населените места во западна Македонија.
Ваквите средби со дивината станаа вообичаени за жителите во оваа општина бидејќи речиси секој ден и ноќ се соочуваат со мечки. За да се справи со проблемот, една од мерките кои беа усвоени на владина седница беше чистење на отпадот во и околу населените места во оваа општина кои ги привлекуваат мечките.
„Локалната самоуправа во соработка со јавната установа Национален парк Маврово согласно своите надлежности треба да пристапат кон решавање на прашањето, со цел навреме да се исчисти отпадот и дивите депонии од сите населени места и од локалните патишта“, велат од Владата.
Во усвоените мерки, исто така, се разгледува и можноста за успивање на мечките и нивно дислоцирање, но и опција за нив да се обезбедува храна подалеку од населените места. Инаку, освен навечер, во овој регион мечки се појавуваат и наутро кога децата одат на училиште.
Авни Тахири