Скопјанец брутално ја нападнал сопругата пред двегодишната ќерка, Обвинителството бара притвор

Скопското Основно јавно обвинителство поведе постапка против 25-годишен жител на градот кој пред два дена ѝ се заканувал, а потоа и физички ја нападнал својата сопруга со која бил во бракоразводна постапка, а имал и судска забрана да контактира со неа и да ѝ се приближува.
Постапката против скопјанецот, како што соопштија денеска од Обвинителството, се води за две кривични дела – телесна повреда и неизвршување на судска одлука по член 377 став 5 од Кривичниот законик.
Според описот на настанот од Обвинителството, осомничениот на 3 октомври, во алкохолизирана состојба, дошол пред влез од зграда на улицата „Пушкинова“ и почнал грубо да ја навредува жената, а потоа и физички ја нападнал.
„Ја влечел за косата, ја изгребал, ја гризнал и ја зграбил за вратот“, се наведува во соопштението од Јавното обвинителство.
Семејното насилство, велат оттаму, се случувало пред нивната двегодишна ќерка.
Осомничениот, на својата сопруга со која бил во бракоразводна постапка, при нападот ѝ нанел видливи повреди, продолжувајќи со заканите, а ѝ го одзел и мобилниот телефон.
Жртвата некако успеала да се оттргне и да избега од местото, засолнувајќи се во зградата од спротивната страна на улицата, додека случајна минувачка не повикала полиција.
Осомничениот, информираат од Обвинителството, исто така, со судска одлука од Основниот граѓански суд имал изречена привремена мерка за заштита од семејно насилство кон неговата сопруга, односно забрана да се заканува дека ќе стори семејно насилство, забрана да ја малтретира, телефонира, вознемирува, контактира или на друг начин директно или индиректно да комуницира со оштетената, како и забрана да ѝ се приближи на растојание помало од 100 метри од нејзиното живеалиште, работното место или определено место кое таа го посетува.
„Иако и претходно од надлежните институции му било укажано на ваквите забрани, тој не ги почитувал и ги прекршувал, за што оштетената во неколку наврати пријавувала во полиција“, велат од Обвинителството.