Продолжува злоупотребата на ЕУ-знамето за брзо усвојување на закони

Голем број закони и измени на закони изминатиов период беа усвоени со европско знаменце по скратена постапка. Дилема дали европското знаменце е злоупотребено покренаа Законот за државјанство, петте измени на закони поврзани со изградбата на коридорите од страна на „Бехтел-Енка“. Потоа следуваа измените на Кривичниот законик, а европско знаменце сега добија и измените на Законот за игри на среќа. Додека власта тврди дека овие закони се усогласуваат со европските директиви, од Брисел за дел од нив пристигна критика за злоупотреба на европското знаменце. Евроамбасадорот Дејвид Гир неодамна кажа дека има случаи кога знаменцето се употребува несоодветно и притоа се оневозможува вистинска јавна расправа.
Според Малинка Ристеска Јорданова од Институтот за европски политики, неколкупати собранискиот Деловник бил прекршен, а постои и притисок однадвор ваквата состојба со употребата на знаменцето да се надмине.
„Ние имаме случаи кога ќе се работи за една одредба којашто се усогласува или за повеќе одредби, меѓутоа ќе се протне нешто коешто во моментот им треба на властите, а тоа е обично побитно отколку сето останато. Тоа е очигледно прекршување на Деловникот. Второ, политичка волја не се користи“, вели Ристеска Јорданова.
Таа додаде дека Брисел ја коментира оваа ситуација и во своите извештаи и дека воедно потсетил на меѓупартискиот договор во земјава да се променат процедурите за скратена постапка при поставено европско знаменце.
„Веќе презеле нашите партии во Парламентот обврска да го сменат членот од Деловникот, со којшто е воведена таа брза постапка во 2013 година и тоа си стои во скрининг извештајот. Во скрининг извештајот за демократските институции, меѓу другото е напоменато има согласност за промени на Деловникот и тоа треба да се случи и на овој член. Инаку, оваа пракса е критикувана на повеќе места во Извештајот“, додава Ристеска Јорданова.
Сепак, коментирајќи го последниот предлог-текст на нов Деловник за работа на Собранието, што пред два дена се најде пред пратениците, Ристеска вели дека нема суштински промени од веќе постоечките правила за скратена постапка, освен времетраењето на расправата, што според неа, не ја оневозможува злоупотребата.
Лука Андреев