Професори поднесоа пријава до Антикорупциска против ректорот Ангелова

Професори од Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ ( УКИМ) поднеле пријава против ректорот на Универзитетот, проф. д-р Биљана Ангелова поради сомневање за злопотреба на службена положба. Тие поднеле пријава и до Државната комисија за спречување на корупција затоа што, како што велат, ректорот Ангелова и додека работела како проректор го прекршила законот со што била дел од надзорен и управен одбор што е спротивно на законот.
Во писмото објавено на новинската агенција МИА кое е потпишано само од Професори на УКИМ, без да се наведат кои се потписници, е истакнато дека нејзиното повеќегодишно работење има создадено простор за злоупотреба на службената положба и овластување за лична корист, на штета на репутацијата, интегритетот и работењето на најстариот државен Универзитет.
„Според информации на колективот на Универзитетот, спротивно на Законот, и како проректор и по стапувањето на функцијата ректор, лицето Биљана Ангелова врши други функции за кои има законска забрана. Меѓу другите функции, таа е член на управен одбор на приватна компанија во јавноста позната по брендот „Винчини“ и член на Надзорен одбор (орган на управување) на ХАЛК БАНКА АД Скопје“, се вели писмото.