Скопје ќе има парно и нема да има ценовни шокови за потрошувачите, тврди Бислимоски

Скопје ќе има парно греење со почетокот на грејната сезона и тоа никогаш не било доведено во прашање, вели претседателот на Регулаторната комисија за енергетика (РКЕ), Марко Бислимоски.
Бислимоски додава дека одлуката за цената на парното ќе биде донесена кога ќе добијат цврсто уверување дека ќе започне да се монтира новиот цевковод на мостот „Беласица“, а како што рече, според информациите што тој ги има, нема никаков проблем меѓу ЕСМ и Град Скопје. Тој тврди дека со одлуката што ќе биде донесена нема да се дозволи да има било какви ценовни шокови за потрошувачите на топлинска енергија во градот Скопје.
„Скопје и со постоечката инфраструктура што ја има со двете топлани, без било кој цевковод, може да се снабдува со електрична енергија и ќе нема никаков проблем во однос на тоа. Би ве замолил сите да не се шири таква фама дека Скопје би останал без топлинска енергија. Поентата на сето тоа и ние што реагираме е што е можно повеќе топлинска енергија да ни дојде од ТЕ-ТО за да ги намалиме трошоците на целокупниот систем. ТЕ-ТО е важен поради тоа што ни дава топлинска енергија која е за два и пол или три пати пониска отколку цената на топланите во градот Скопје“, вели Бислимоски.