СПОРТ

Одбојкарките на Работнички се во Романија, ја почнуваат новата сезона

Одбојкарките на Работнички се во Романија, ја почнуваат новата сезона

Одбојкарките на Работнички утре и в среда ги играат првите средби во европските натпреварувања сезонава. Во „Челинџ купот“ се среќаваат со романскиот тим Лугој. Поради набиениот распоред во салата „Борис Трајковски“, Работнички двата европски дуела ќе ги игра на гостински терен. Вчера го имаа последниот тренинг пред патувањето за Романија. Тренерот Глигор Христов истакна дека тимот е подготвен за меѓународната сцена.

Advertisements

„Нашава екипа, можам да кажам, дека е одлично подготвена, затоа што почнавме со работа уште на 7 август, еве веќе два месеца како работиме секојдневно, макотрпно. Направивме околу 50 тренинзи. Имавме припреми во Крушево, иамвме осум подготвителни натпревари и мислам дека спремни и со голем ентузијазам ја очекуваме оваа нова европска авантура. Очекувам максимално и коректно залагање од девојките и убеден сум дека тие тоа ќе го реализираат“, вели тренерот Христов.

Дефина Реџалари и Тамара Стојанова се оптимисти пред европските предизвици. Велат – имале интензивни тренинзи.

„Тренираме веќе два месеца. Подготвени сме и физички и психички и на секаков план. Одигравме и натпревари со странски екипи, од Србија и од Косово, што ни дадоа некаков почеток за тоа што може да ни следува сега во Романија. Одигравме добро, атмосферата во екипата е одлична. Таму одиме, опред сѐ, да ја покажеме нашата добра игра, да се покажеме во најдобро светло. Знаеме со колку искусна екипа ќе играме таму. Екипа што има континуитет во тие големи натпреварувања“, вели Стојанова.

„Лугој е меѓународно позната екипа, добро позната во целиот свет каде играат главно играчи со големо искуство, светски одбојкарски ѕвезди. Максимално сме подготвени и ќе дадеме максимум, иако тоа е наш прв официјален натпревар оваа сезона“, изјави Дефина Реџалари, одбојкарка на ОК Работнички.

Одбојкарките се веќе во Романија каде одржа само еден тренинг. Првата средба е утре од 17.30 часот, а втората е ден потоа.

Махир Тачи

Прикажи повеќе

Related Articles

Back to top button