Цариниците на скопскиот аеродром заплениле пет килограми сребрен накит и бижутерија

Царинските службеници од Меѓународниот аеродром „Скопје“, во два случаи, заплениле околу пет килограми сребрен накит и бижутерија.
Во првиот случај, како што информираат од Царинската управа, кај британски државјанин биле најдени четири килограми сребрен накит и бижутерија. Британскиот државјанин, кој бил сопственик на продавница за накит, се обидел среброто и бижутеријата да ги изнесе од државата без притоа да ја декларира стоката од комерцијален карактер кај царинските службеници.
„Накитот е откриен при контрола на рачниот и дополнителниот багаж кој е побаран од страна на царинските службеници по увид на картата на патникот“, се вели во соопштението од Царинската управа.
Во вториот случај, додаваат од Царина, на влез во државата, кај турски државјанин кој патувал од Истанбул, при царинската контрола, биле запленети 123 парчиња сребрен накит.
Од Царинската управа велат дека и натаму во рамки на своите надлежности спроведува активности за поддршка на легалната трговија и сузбивање на сивата економија.