Претседателска дебата во Скопје – Црвенковски, Стипе Месиќ, Алфред Мојсиу

На земјите од Западен Балкан не им е потребен политички симболизам, туку конкретна политичка одлука за евроинтегративниот пат, порача претседателот Стево Пендаровски. Тој повика ЕУ на претстојниот декемвриски самит да донесе одлука за побрза интеграција, наместо прашањето да го одложува за по завршувањето на европските избори догодина. Пендаровски истакна дека долги години проширувањето било пролонгирано поради тоа што земјите-кандидати не спроведувале реформи, но ЕУ не била подготвена за проширување. Сега, како што вели, со војната во Украина има нов геопилитички контекст, но според него, динамиката на процесот на проширување не смее да зависи од кризи и војни.
„Претседателката на Европската комисија, често ја промовира идејата за ЕУ како глобален геополитички играч. Но, ако навистина има амбиции да биде геополитички играч, ЕУ мора прво да го заокружи и обезбеди својот европски геополитички простор преку интеграција на Западниот Балкан. Актуелните случувања на Косово и процесите во Босна и Херцеговина се потсетување дека не смее да се занемарат отворените прашања“, рече Пендаровски.
Екс-претседателот Бранко Црвенковски пак, оцени дека Европската Унија била непринципиелна кон евроинтегративниот пат на Македонија, бидејќи се покренуваат прашања кои се неповрзани со Копенхашките критериуми за членство. Во овој контекст тој кажа дека се појавил спорот со Бугарија со кој се оспорувал македонскиот идентитет и историски континуитет. Црвенковски порача ЕУ да формира нов пристап кон земјите од Западен Балкан.
„Сите земји од Западен Балкан, без исклучок, заедно да побараме од ЕУ пристап до заедничкиот европски пазар и до структурните фондови на Унијата. Не како алтернатива на полноправното членство, туку како меѓучекор кој дополнително ќе нè подготви за целосно интегрирање“, рече Црвенковски.
Зборувајќи за проширувањето на ЕУ, поранешниот хрватски претседател Стипе Месиќ истакна дека сè уште нема расположение кај сите членки за овој процес, додека пак екс-претседателот на Албанија, Алфред Мојсиу повика пред сè да се решат отворените прашања, меѓу кои и односите Косово-Србија.
„Војната во Украина влијаеше на челниците на ЕУ да најават можност за зголемување на членките, од 27 на 36 земји. Но, на сите мора да им биде јасно дека засега ова е само пред сè геостратешка визија“, рече Месиќ.
„Пред еминентен ризик сме, а не пред претпоставка за ризик. Треба да продолжат напорите за страните да седнат на преговори и од Србија треба да се бара повеќе и ова не го велам како Албанец. Го кажувам судејќи по реалните случувања во нашиот регион“, истакна Мојсиу.
Актуелните и поранешните шефови на држави и влади од регионот и пошироко, денеска излагањата ги искажаа на трибината „Проширувањето на ЕУ на крстопат“ во Скопје, во организација на невладината организација „Подгорички клуб“, каде меѓу основачите е и Бранко Црвенковски.
Лука Андреев