Изваден асфалт заврши расфрлан на Попова Шапка

Директорот на Националниот парк Шар Планина ја обвини општина Тетово дека со санацијата на патот кон вилите на Попова Шапка направил прекршоци со загадување на природата. Ибрахим Дехари, дури покажа и видео материјал, каде што се гледаат камиони кои го носат ископаниот материјал и го фрлаат зад ливадите над Шапка. Дехари побара општината веднаш да го отстрани овој фрлен материјал или ќе следуваат законски мерки. Од општина Тетово одговорија дека се справуваат со проблем, а на локацијата излегол и инспектор.
„Видео-материјалот што го гледате зад мене е дел од работите за поправка на патот кон населбата на вилите. Работите започнаа со тргање на постоечкиот асфалт во рамките на капитални инвестиции за подобрување на инфраструктурата. Но, ја прашуваме општината каде и како имала намера да го депонира овој цврст и штетен отпад? За жал, целиот овој материјал и отпадот што се вади од овој пат, на крајот ја уништуваат природата, дури и во име на подобрување на условите на Попова Шапка“, рече Дехари.