Ковачевски: Со понудата од Мицкоски, јасно е дека нема да има предвремени избори

Коментирајќи го предлогот на претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски за двојни избори во мај наредната година, премиерот Димитар Ковачевски оцени дека со оваа понуда од страна на опозицијата веќе е јасно дека предвремени парламентарни избори нема да има. Ковачевски не одговори зошто се одолговлекува формирањето и предложувањето na претставници за меѓупартиска група која би го договарала датумот за наредните избори. Тој истакна дека во една таква група, треба да учествуваат сите политички партии.
„Тие средби сметам дека треба да бидат еден општ договор помеѓу политичките партии, коишто ќе можат да седнат на ниво на работни групи коишто ќе разговараат за вакви детали во однос на изборите, бидејќи сега разговараме за детали на изборите. Прашањето за предвремени избори веќе не е на маса“, рече Ковачевски.
Мицкоски вчера понуди да се организираат парламентарни избори во истиот ден кога би се одржал вториот круг од претседателските избори. Според лидерот на опозицијата, за овие двојни избори да се одржат во редовен термин и да се избегнат дополнителни трошоци, треба да се постигне согласност за датумот осми мај, среда наместо петти мај, недела кога се празнува Велигден. Дали за власта е прифатлива понудата веројатно би се знаело откако евентуално би започнала да функционира најавената меѓупартиска работна група.
„Кога ќе бидат усогласени сите ставови тогаш ќе може да биде информирана и јавноста. До тогаш се е на ниво на желби, на ниво на шпекулации, а јас никогаш не комуницирам на ниво на желба или на ниво на шпекулација“, додава Ковачевски.
Од останатите поголеми партии нема став дали 8 мај е прифатлив датум за организирање избори. Од партијата „Демократско движење“ претходно кажаа дека посакуваат избори што е можно поскоро, а од ДУИ дека за нив секоја варијанта е прифатлива. Предложениот датум од страна на опозицијата, осми мај, е последен датум кога би можело да се одржи вториот круг од претседателските избори, со оглед дека наредниот претседател на државата мора да биде инаугуриран на 12 мај.
Лука Андреев