Џафери: Со одложување на процесот кон ЕУ, се охрабруваат ретроградните процеси

Претседателот на Собранието, Талат Џафери, порача дека е вистинско време сите политички партии кои во своите програми се залагаат за евроинтеграција, да ја демонстрираат оваа заложба и на дело. Според него, усвојувањето на уставните измени ќе овозможи отворање на преговарачките поглавја, а тоа ќе резултира со забрзано темпо на реформи.
„Сметам дека понатамошното одложување на процесот на пристапување би можел да го доведе во прашање угледот на Унијата како доверлив партнер и нејзината водечка геополитичка одлука. Тоа остава простор за појава на националистички и ретроградни процеси и охрабрување за трети страни да го зајакнат својот интерес во регионот“, рече Џафери.
Вицепремиерот за европски прашања Бојан Маричиќ потенцира дека процесот на проширување е геостратешко прашање. Тој информира дека скрининг процесот е во завршна фаза и додаде дека се прават напори земјава да го отвори првиот преговарачко поглавје до крајот на декември годинава.
„Верувам дека нема непремостливи пречки. Убеден сум дека Собранието и пратениците ќе бидат на нивото на задачата и ќе водат конструктивен дијалог, со кој брзо и ефикасно ќе ги исполнуваме обврските и ќе ги надминуваме предизвиците, сите предизвици поврзани со тешки политички прашања, но и со конкретните политики од правосудството, борбата против корупцијата, владеењето на правото“, рече Маричиќ.
Претставници на Парламентарното Собрание на Советот на Европа од Скопје порачаа дека веќе постои нова динамика и големо внимание за процесот на проширување со земјите од Западен Балкан. Дел од нив споделија дека Брисел на проширувањето гледа како на геостратешка инвестиција во мир, безбедност и напредок.
„Сметам дека е многу важно земјите од регионот, од Западен Балкан да ја сфатат важноста на оваа можност што се создаде со новата динамика и новата политичка клима во Европа“, рече Золт Немет – Парламентарно собрание на Совет на Европа.
Ставовите беа споделени на Конференцијата на меѓупарламентарниот дијалог за промовирање на европската интеграција на Западен Балкан, во заедничка организација на Собранието и Парламентарното собрание на Советот на Европа.
Лука Андреев