Мицкоски: Ковачевски да не бега од договор за датум за избори

Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски го обвини премиерот Димитар Ковачевски дека го одолговлекува процесот на формирање меѓупартиска работна група што ќе го договара датумот за избори. Мицкоски повика оваа група што поскоро да почне со работа, затоа што месеци не делат од изборите. Иако повторно го спомена предлогот за двојни избори на осми мај, Мицкоски овојпат кажа дека ВМРО-ДПМНЕ е подготвена најпрвин да се дискутира за предлогот што би го понудила СДСМ.
„Првиот момент кога од другата страна ќе добиеме сигнал, или од Талат Џафери ќе добиеме сигнал, ние сме подготвени да номинираме претставници коишто ќе бидат дел од овој процес. Еве нема предвремени избори. На осми мај нема предвремени избори, редовни се. Да, му признавам, како тој што кажа, така излезе. Еве како тој што ќе каже и дата и ден коишто ќе ги каже, ќе се сретнат тие работни групи“, рече Мицкоски.
Во меѓувреме, за двојни избори се залага и партијата на Изет Меџити. Од „Демократско движење“ сметаат дека парламентарните и претседателските избори треба да се совпаднат во ист ден поради економски причини. Меџити воедно најави заеднички кандидат за претседател на албанската опозиција и одново ја покани владејачката Алијанса за Албанците да им се приклучи.
„Ние како албанска опозиција ќе излеземе со заеднички листи. Исто така имаме решено дека ќе излеземе со кандидат за претседател Албанец. Кој ќе биде, ќе видиме… се прават анализи дали ќе биде од структурите од внатре или експерт, интелектуалец и независен. Ние опозицијата ја немаме затворено, таа е еден опозициски фронт, во кој има место не само за овие три субјекта, Демократско Движење, БЕСА и Алтернатива. Им праќаме понуда и на другите политички субјекти, меѓу кои и владеачките, но и на независните интелектуалци, бидејќи ситуацијата е тешка“, рече Меџити.
Инаку, покрај одредувањето датум за избори, Мицкоски порача во најавената работна група да се разговара и за избор на член во Државната изборна комисија. Според него, ДИК не работи законски, зашто треба да има седум членови, а не шест како што е во моментов. До ваквата ситуација дојде откако членот во ДИК, Кренар Лога од редовите на Алијанса за Албанците стана министер за правда. Свој претставник во ДИК денеска побара и албанската опозиција.
„Имаме по закон јасно дефинирана структура на Државната изборна комисија – четири членови од власта, три членови од опозицијата. Ние имаме два члена од опозиција, а што прави власта? Опструира номинирање на член од опозицијата“, рече Мицкоски.
Ковачевски пак, вчера кажа дека СДСМ наскоро ќе одлучи кој ќе биде нивниот претставник во работната група. За деталите како оваа работна група би функциониралa премиерот предложи да се зборува на редовната координација која спикерот Талат Џафери ја организира секој понеделник.
Лука Андреев