
Македонскиот ракометен вицепрвак Алкалоид се соочува со првото европско гостување во историјата. Младата екипа во Европската лига на ЕХФ оди кај шпанска Ла Риоха во Логроњо, каде ја има улогата на аутсајдер на хартија.
Избраниците на Кирил Лазаров одиграа добар натпревар со Војводина, но скапо ги платија промашените пенали – вкупно пет – како и зицерите кои ги шутнаа во голманот Трнавац. По поразот во натпреварот кој се одигра во Скопје, тимот се стационира во Шпанија.
Во групата во Суперлигата, Алкалоид нема конкуренција и е перфектен. Младиот тим надополнет со францускиот искусен бек Арно Бинго има желба за изненадување и за први европски бодови, а Ла Риоха е добра шанса за тоа
Логроњо Ла Риоха од 2006 година е дел од најсилната шпанска лига – АСОБАЛ лигата. Нивните најголеми успеси се три вицешампионски титули во АСОБАЛ и две трети места. Четирипати учествувале во Лигата на шампионите и уште седум други учества во второто по квалитет натпреватување – ЕХФ Куп. Дресот на овој клуб низ годините го носеле познати шпански ракометари и интернационалци како Алекс Душебаев, Рубен Гарабаја, Хуанин Гарсија, Рафаел Капоте…
Дуелот во Логроњо стартува од 20:45 часот. Ла Риоха и Алкалоид ја отворија Европската лига со порази, а подобар од шпанскиот тим беше дански Силкеборг.