ВЕСТИМАКЕДОНИЈА

По пет години Македонија ќе испрати амбасадор во Израел

Евакуацијата на македонските државјани ќе биде еден од приоритетите на новиот амбасадор во Израел. Станува збор за Шпенд Садики кој е кариерен дипломат од МНР. Тој информира дека вкупно пет македонски државјани во моментов се соочуваат со проблеми да го напуштат Појасот Газа. Покрај брачниот пар за кој претходно МНР информираше, во Газа се наоѓа и татко со две малолетни деца.

Advertisements

„Издадени се патни листови, зашто децата немаат пасош. Таткото имаше пасош, а мајката на децата е палестински државјанин и за нејзе е издадена виза. Ќе зависи од египетските власти дали ќе допуштат таа воопшто да излезе како дел од семејството и на тоа инсистираме“, вели Шпенд Садики – амбасадор во Израел.

Садики истакна дека ќе бара од Владата да се воспостави директна авионска линија до Тел Авив. Тој кажа дека вака ќе се олесни евентуална евакуација на наши државјани во иднина, а најави и дека ќе се посвети на кадровско доекипирање во нашата амбасада во Израел.

„Целосно да биде екипирана амбасадата во Тел Авив. Иако таму имаме одличен дипломат на кого деновиве падна теретот за реализација на евакуацијата на нашите државјани, иако Министерството оформи кризен штаб, за жал целиот терет на организација и практична реализација на евакуацијата падна на дипломатот Мачај“, додава Садики.

Садики ова го сподели на сослушувањето во собраниската Комисија за надворешна политика, што е последен чекор пред испраќањето на должност. Претседателот на Комисијата, пратеникот Антонио Милошоски оцени дека е срамота што претседателот Пендаровски и министерот Османи толку долго чекале да го пополнат испразнетото место во Израел.

„Во Тел Авив, каде што се случуваат најголемите безбедносни и дипломатски, регионални и глобални конфликти, ние немаме амбасадор пет и пол години. Со ваквото несовесно работење претседателот Пендаровски и Бујар Османи на Македонија и направиле штета и на дипломатски план и на политички план и со пропуштени економски шанси и со пропуштени информации за безбедносните состојби, коишто можат да бидат во наш интерес“, рече Антонио Милошоски – претседател на Комисија за надворешна политика.

Во Комисијата беа предвидени сослушувања на девет нови амбасадори, а шефот на дипломатијата Османи изрази задоволство што повеќето кандидати се кариерни дипломати.

„Имаме соодветна листа на луѓе коишто се или искусни во дипломатијата или искусни во политичко-општествениот живот и ќе дадат сериозен придонес во надворешното политичко дејствување на државата“, рече Османи.

Во Белград амбасадорското место ќе го пополни доскорешниот министер за правда Никола Тупанчевски, а во Романија Андреј Жерновски. Нов амбасадор во Берлин ќе биде поранешниот директор на Агенцијата за примена на Законот за јазици, Илбер Села. Се пополнуваат и амбсадорските функции во Кина, Полска, Бразил, Шведска, Чешка и во мисијата на ОБСЕ во Виена.

Лука Андреев

Прикажи повеќе

Related Articles

Back to top button