ВЕСТИМАКЕДОНИЈА

Џафери: Ако партиите не се договорат за изборите до Нова година, ќе ги распишам за првиот можен термин

Спикерот Талат Џафери порача партиите да се договорат за датумот за избори најдоцна до Нова Година. Тој додаде дека нема да остава повеќе време за меѓупартиски договор, односно ако до Нова Година не се постигне согласност Џафери ќе ги распише претседателските избори во првиот можен рок за гласање. На брифинг со новинарите тој ги сподели евентуалните датуми за одржување на претседателските избори. Според него, најрано може да се гласа за претседател на 14-ти март, со тоа што вториот круг би бил закажан за 28-ми март. Најдоцна пак, прв круг за претседателски избори може да се организира на 25-април, а вториот круг да биде на осми мај. Џафери оцени дека осми мај е критичен датум, со оглед на можните жалби и краткиот рок –  бидејќи до 12-ти мај наредниот претседател мора да биде инаугуриран. Ако тоа не се случи, претседателските ингеренции ќе ги извршува токму собранискиот спикер.

Advertisements

Џафери апелира партиите да се договорат, па да го информираат за евентуалниот договор и ја отфрли можноста тој да ја формира меѓупартиската работна група на оваа тема. Како што истакна, задачата им ја препуштил на координаторите на парламентарните партии.

Од друга страна, претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски исто така порача што поскоро да се состане работната група, но побара или Џафери или претставниците на власта да испратат покана. Мицкоски додаде дека тој веднаш би назначил членови од ВМРО-ДПМНЕ. Опозицискиот лидер го повтори барањето кон Ковачевски за организирање двојни избори, односно парламентарни заедно со претседателски.

„Еве нека напише датум и блиску до тие два големи верски празници, Рамазан и Велигден. Тој нека одлучи. Како ќе одлучи така ќе прифатиме, само нека одлучи, нека го ослободи општеството. Ако треба да се консултира, еве денеска има ручек со Груби и со Ахмети, нека се консултира… Ако треба од нив да добие зелено светло, нека бара зелено светло. Само нека одлучи, глупаво би било да имаме одвоени избори и да ги трошиме парите на граѓаните, десетици милиони евра…“, рече Мицкоски.

Претходно, од СДСМ истакнаа дека се подготвени да разговараат за датумите за избори, но засега ја исклучија опцијата претседателските да совпаднат заедно со парламентарните избори. Редовни парламентарни избори пак, според Џафери, може да се организираат меѓу петти мај и 15 јули, па вака веројатно отпаѓаат предлозите на Мицкоски да се гласа за претседател и пратеници меѓу Рамазан Бајрам и Велигден и осми мај останува единствен можен датум за двојни редовни избори.

Лука Андреев

Прикажи повеќе

Related Articles

Back to top button