Пратенички прашања – отсуствуваа половина од министрите

Речиси половина од министрите ја избегнаа законската обврска и лично не се појавија на седницата на прашања на пратеници во Собранието, ниту пак ги делегираа замениците министри на нивно место. Поради тоа, голем дел од пратеничките прашања остануваат неодговорени.
Седницата беше проследена со судири, иронични одговори и обвинувања. Силјановска побара појаснување од првиот вицепремиер Артан Груби за неговите повици за работа во Бехтел-Енка, на што Груби иронично одговори дека слично работеле и поранешните министри од ВМРО.
Пратеникот Ковачки обвини дека високи офицери во армијата изнудувале сексуални услуги од своите колешки, на што министерката за одбрана Петровска одговори дека таа ја направила потребната евиденција и истрагата ја оставила во рацете на надлежните институции.
Ковачки побара и разрешување на министерот за внатрешни работи, Оливер Спасовски, кого директно го обвинува за, како што вели, зголемениот криминал и јавните убиства.
По речиси секое прашање на опозицијата, членовите на владиниот кабинет кои одговараа бараа пратениците да им се извинат за навредите и обвинувањата.
Фатлуме Дервиши