ВЕСТИМАКЕДОНИЈА

Боцевски: Земјата да се фокусира на европските фондови

Посетата на претседателката на Европската Комисија Урсула фон дер Лејен во Скопје не доведе до никакви поместувања во ставовите на политичките партии во однос на уставните измени, смета дел од експертската јавност. Поранешниот амбасадор Ивица Боцевски вели дека прашањето за промената на Уставот воопшто и не треба да биде во фокусот на јавноста во моментов.

Advertisements

„Јасно е дека опозицијата, сите партии во опозицијата нема да гласаат за овој предлог за уставните промени. Јасно е дека има внатрешен сериозен раскол во СДСМ, не само поради „ЗНАМ“ на Максим Димитриевски, туку внатре се уште има ликови во СДСМ коишто се дури и поостро против бугарскиот предлог за разлика од опозицијата“, рече Ивица Боцевски – поранешен амбасадор.

Според Боцевски, јасни се и сигналите на клучните градови од земјите-членки на Унијата – дека најпрвин треба да има реформи во самата ЕУ, а потоа да се продолжи со процесот на проширување. Во овој недефиниран меѓупростор, поранешниот амбасадор смета дека Македонија треба да се посвети на пристапот до фондовите. Односно, како што веќе постојат предлози во дел од јавноста, за поголема интеграција пред полноправно членство.

„Дај Боже Македонија час поскоро да влезе во единствениот пазар како еден меѓучекор до европската интеграција. Мислам дека овој нареден чекор треба да ни биде далеку поголем фокус, односно – итен и неодложен влез на Македонија во единствениот европски пазар. Потоа, борба до пристап до структурните и кохезивните фондови, а членството може да почека“, додава Боцевски.

Боцевски оцени дека Фон дер Лејен со посетата на сите земји од регионот се обидела да го намали, како што вели, шокот кој претстои за кандидатките од Западен Балкан. Боцевски потенцира дека Украина и Молдавија наскоро ќе добијат препорака за почеток на преговорите, што е политичка одлука, а не одлука заснована на исполнети критериуми и реформи. Ова, како што додаде, ќе предизвика негативни реакции во регионот.

Лука Андреев

Прикажи повеќе

Related Articles

Back to top button