
Поплавениот терен на стадионот „Борис Трајковски“ во скопската населба Маџари беше причина за одложување на четвртфиналниот куп-дуел помеѓу Работнички и Шкупи, по што од ФФМ реагираа експресно и одредија нов термин, но и место за играње.
Средбата е презакажана за утре на стадионот „Петар Милошевски“ во склоп на комплексот на македонската Куќа на фудбалот, но без публика. Во официјалната информација не е објавено зошто е донесена таква одлука и дали тоа е од страв за присуство на гостинската навивачка група во дел од градот во кој би можело да дојде до инциденти со ривалски фанови.
Денеска во Скопје се игра уште еден натпревар и тоа помеѓу Македонија ЃП и Силекс, но очигледно ѓорчепетровци подобро го подготвиле теренот. Во останатите две денешни четвртфинални куп-средби силите ги одмеруваат Тиквеш и Брера односно Брегалница и Воска.