ЕУ потсетува: „Скопје презеде обврска да го смени Уставот“

Европската Комисија порачува парламентарните партии да соработуваат за преговарачкиот процес со Унијата и да го забрзаат спроведувањето на реформите. Во Извештајот се наведува дека процесот се води во согласност со ревидираната методологија за проширување, а скринингот тече по план. Брисел потсети дека Парламентот и Владата се обврзале како приоритетно прашање да ги спроведат уставните измени. Воедно, во Извештајот се потенцира и дека опозициските партии ВМРО-ДПМНЕ и Левица не номинирале претставници во работната група што го кроеше текстот на уставните измени. Генерално, Брисел оценува дека политичката ситуација останува поларизирана.
„Работата на Парламентот беше нарушена со политичка поларизација која дополнително се продлабочи одложувајќи го усвојувањето на многу реформски закони и важни именувања и назначувања. Преговорите за пристапување во ЕУ бараат широк консензус меѓу големите политички партии…“, стои во Извештајот.
Европската Комисија ја критикуваше и зачестената употреба на европското знаменце, која од 38% пораснала на 58% за последнава година. Во Извештајот е нагласено дека од јануари минатата година до 15 јуни годинава, од вкупно усвоени 165 закони, дури 86 по скратена постапка.
„Знамето на ЕУ беше искористено, меѓу другото, за измена на Кривичниот законик со воведување пониски казни за кривични дела на корупција и за изменување и дополнување на законите за работни односи, експропријација, урбанистичко планирање, градежништво и автопати кои ќе се градат (особено патниот коридор VIII и Xd), и покрај тоа што измените генерално не се однесуваа на усогласување на законодавството со правото на ЕУ“, пишува во Извештајот.
Според Брисел, употребата на ЕУ-знаменцето мора да биде јасно поврзана со законите за усогласување на националното со европското законодавство.
Лука Андреев