ВЕСТИМАКЕДОНИЈА

Извештајот на ЕУ пoкритичен од ланскиот

Оценките од Брисел за напредокот на земјата се покритични за разлика од минатата година, анализира дел од експертската јавност. Во анализата на Институтот за европски политики, се вели дека оваа година доминантна оценка е дека или воопшто нема напредок или дека напредокот е ограничен. Лани, пак, во Извештајот преовладувала оценката „одреден напредок“. Според Симонида Кацарска и покрај слабите резултати во напредокот, поради долгите години кандидатски статус, земјава останува  компаративно поподготвена за членство од земји кои  преговараат со години, како што се Србија и Црна Гора.

Advertisements

„Ние нашата подготвеност ја имаме како резултат на 20-те години. Не можеме да го гледаме овој Извештај изолирано од целокупниот наш процес на пристапување. Во контекст на напредокот од минатата година, тој е послаб од лани, тоа е објективно од она што можеме да го споредиме и особено загрижува недостатокот на прогрес во поглавјето 23, бидејќи од него зависат целите преговори“, рече Симонида Кацарска – Институт за европски политики.

Прашана дали со ваквите оценки земјава може да се надева на членство во Унијата до 2030 година, Кацарска вели дека без разлика на поставениот рок, мора дотогаш да бидеме поспремни за исполнување на критериумите. Таа потсети дека немаме напредок токму во клучните области од првиот кластер, кој последен се затвора за време на преговорите – односно борба против корупцијата и правосудство. Во однос на меѓупартиските обвинувања кој е виновен за ваквиот Извештајот – корупцијата во власта, како што вели опозицијата или пак блокадата на Собранието, како што потенцира власта, Кацарска одговори:

„Во дел би можела да се сложам дека има дел за неусогласување и неуспехот да се донесат закони во Собранието, меѓутоа од друга страна постои одговорност кај институциите коишто треба да испорачаат во различните области на имплементација“, вели Кацарска.

Од Институтот за европски политики истакнаа дека главните чинители треба што поскоро да се зафатат со исполнување на реформите, зашто од нив ќе зависи и повлекувањето на средствата од Планот за раст за Западен Балкан, за што ЕУ одвои шест милијарди евра на располагање до 2027 година.

Лука Андреев

Прикажи повеќе

Related Articles

Back to top button