ВЕСТИМАКЕДОНИЈА

Нареднава недела страт на преговорите за датумот за избори

Ќе започнат ли партиите од утре да го договараат датумот за изборите? Очекувањата на владејачката СДСМ се дека координаторите на пратеничките групи наскоро ќе иницираат формирање на работна група, која со консензус би го договорила датумот за наредните претседателски и парламентарни избори.

Advertisements

„Во делот на работните групи, очекувам на координација во текот на следната недела, со сите координатори на политичките партии коишто се застапени во Собранието, да се отвори ова прашање и секако ние како политичка партија сме спремни и ќе номинираме член за утврдување на точниот датум за одржување и на претседателските избори и на редовните парламентарни избори“, рече Дарко Каевски – портпарол на СДСМ.

Додека во СДСМ владее оптимизам дека ќе се постигне договор за датумот за избори преку работна група, од ВМРО-ДПМНЕ одговорија дека нема придвижување по однос на ова прашање. Координаторот на пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ, Никола Мицевски подолг период не присуствува на координацијата што ја свикува спикерот Талат Џафери, односно откако опозициската партија започна т.н. активна блокада на Собранието. Од ВМРО-ДПМНЕ денеска не одговорија конкретно на прашањето дали сега би се направил исклучок и Мицевски ќе учествува на координацијата на која би се разговарале деталите за формирањето на работна група за изборите.

Во меѓувреме, тече рокот кој на партиите им го постави Џафери за договор за датумот. Останува уште месец и пол партиите да постигнат согласност, а во спротивно спикерот по Нова година сам ќе одлучи кога да се распишат изборите. Од СДСМ оценија дека до тогаш има доволно време.

„До Нова година има соодветно време, кога може првенствено да се формираат работните групи, потоа низ работа да се утврдат точните датуми за одржување на претседателските и редовните парламентарни избори, што верувам дека ќе се случи до крајот на оваа година, односно до Нова година веќе ќе имаме конкретен датум, којшто ќе биде донесен со консензус, очекувам со консензус, од сите политички партии“, додава Каевски.

Опозицијата пак инсистира вториот круг од претседателските избори да се одржи во ист ден со парламентарните избори. Сепак, партиските калкулации во оваа насока во голема мера зависат и од датумите на кои ќе се чествуваат верските празници Рамазан Бајрам и Велигден.

Лука Андреев

Прикажи повеќе

Related Articles

Back to top button