Судскиот совет се подготвува да побара одговорност од претседателката на Врховен

Претседателката на Врховниот суд, Беса Адеми, може да се соочи со одговорност за злоупотреба на службената должност. Алсат дознава дека Судскиот совет ги анализира законите врз основа на кој ќе бара одговорност од Адеми, но од ова тело денеска не посочија дали наскоро ќе бидат преземени вакви дејствија или не. Од Судскиот совет велат дека постапката за утврдување на одговорност е тајна и не може да се споделуваат информации.
„По поднесување и елаборирање на барањето заедно со доказите, во Советот се влече ждрепка и се формира комисија составена од три члена (двајца судии и еден член избран од Собранието). Со ждрепка се избира и претседателот на комисијата, а идентитетот на судијата или на претседателот на судот се открива дури по донесување на правосилна одлука“, наведуваат од Судскиот совет.
Проверката на одговорноста на Адеми неофицијално се заснова на член 79 од Законот за судови.
Закон за судови, член 79:
Претседателот на судот се разрешува кога Судскиот совет констатира основна повреда врз основа на:
„Злоупотреба на должноста и пречекорување на службените овластувања“.
Постапката од страна на советот, претседавачот на ова тело Сашко Георгиев ја најави на последната прес конференција, поточно кога Беса Адеми ја одби поканата за работна средба на 6 ноември. Георгиев изјави дека советот ќе направи се за да се провери, како што рече, фактичката состојба во Врховниот суд, да се констатира дали се работи за личен притисок врз Адеми или за колективен притисок врз сите врховни судии. Адеми пред неколку недели јавно ја изрази нејзината загриженост за политичките притисоци врз Врховниот суд и неговите членови. Иако не кажа директно, Адеми навести дека притисоците се поврзани со барањето од Врховниот суд да ја врати аболицијата на поранешниот претседател Ѓорѓе Иванов од 2016 година, како легална со што би се овозможила апсолутна амнестија на поранешниот премиер Никола Груевски. За постапувањето на советот во однос на Беса Адеми, американската амбасадорка во Скопје, Ангела Агелер минатата среда во изјава за Алсат ја изрази својата загриженост за неисполнувањето на должностите предвидени со закон од страна на Судскиот совет.
„Судскиот совет – теоретски независен орган – има одлучувачката одговорност во изборот на квалификувани судии и за одговорност за оние кои не ги исполнуваат највисоките стандарди. Мандатот на Советот е да обезбеди правилно и транспарентно функционирање на судството во оваа земја. Жал ми е што можам да кажам дека видовме малку докази за исполнувањето на овие свети должности. Граѓаните на оваа земја заслужуваат подобро“, рече Агелер.
Телевизијата Алсат со денови се обидуваше да комуницира со Беса Адеми, но таа не одговараше на нашите повици.
Адријан Керими