ВЕСТИМАКЕДОНИЈА

Јанакиески ќе добие 3.900 евра, неправедно го држеле во притвор

Поранешниот министер за транспорт, Миле Јанакиески ќе биде обештетен од државата со 3.900 евра за неправеден престој во притвор по обвиненијата за случаите „Организатори на 27 април“ и „Шпански скали“. Вака одлучи Европскиот суд за човекови права чија пресуда беше објавена денеска. Одлуката се заснова на член 5 од Европската конвенција за човекови права.

Advertisements

„Случајот се однесува на две кривични постапки против Јанакиески, првиот за терористичко нарушување на уставниот поредок и безбедноста, додека вториот за злоупотреба на службената должност. Повикувајќи се на членот 5 (право на слобода и безбедност) од Европската конвенција за човекови права, Јанакиески се пожали на незаконитост, немање основни причини да се размислува за негово апсење. Констатирана е повреда на член 5 став 3 – немање основни причини за лишување од слобода и став 4 од член 5 – навремено преиспитување на решението за лишување од слобода“, се наведува во одлуката на Европскиот суд за човекови права.

Судот одлучи обештетувањето да изнесува 6.100 евра, од кои 2.200 за судски трошоци, а 3.900 евра ќе одат на сметка на поранешниот министер. Неговите правни застапници кусо најавија дека во наредните денови ќе донесат одлука за понатамошните постапки против државата за покривање на трошоците од судењата, а се однесуваат на тужби и оштети во локалните судски инстанци.

Јанакиески во моментов е во затвор по обвинението за изборна измама за случајот „Титаник“. Пред неколку дена беше повлечено обвинението за него за случајот „Топлик“ каде Јанакиески како првообвинет беше гонет за незаконска продажба на земјиште за проектот „Сончев Град“ во скопско Сопиште. Минатата недела за него падна и обвинението за случајот „Траекторија“ за кинеските автопати во земјава, а минатиот понеделник Апелација го отфрли обвинението за случајот „ТНТ“ за незаконско уривање на објектот „Космос“ во Аеродром.

Адријан Керими

Прикажи повеќе

Related Articles

Back to top button