Таравари: „Веројатноста за предизборна коалиција со ДУИ е НУЛА!“

Првиот човек на Алијанса за Албанците, Арбен Таравари, вели дека можност за соработка со ДУИ пред изборите, не постои. Овој одговор тој го повтори еден ден откако првиот човек на ДУИ Али Ахмети изјави дека сè уште е отворена можноста за соработка со Алијанса.
„Имаме партиска одлука каде што е наведено дека Алијанса за Албанците сама оди на избори, а за оваа одлука да биде конечна треба Алијанса да одржи Централно собрание и оваа дилема завршува. Уште на последната средба му реков на г-ин Ахмети дека Алијанса за Албанците е решена да се кандидира сама на избори. Значи, веројатноста за излегување со ДУИ е нула и тоа е јасно“, рече Таравари.
Сепак, кој преговара со ДУИ за можна соработка во име на Алијанса, останува енигма. Ахмети пред еден ден од партиска активност изјави дека е во преговори со Алијанса и опцијата за соработка не е исцрпена.
„Секако дека сум во разговори со Алијанса за Албанците, Партијата на народот и Партијата за европска иднина. Ќе зависи од Алијанса. ДУИ е длабоко заинтересирана за заеднички фронт за Европа. Има отворени опции и опции кои сè уште не се исцрпени. ДУИ е подготвена за сите опции“, рече Ахмети.
Во меѓувреме, од Алијанса за Албанците најавувата дека наскоро ќе ја преиспитаат својата позиција во Владата по неуспехот на Законот за амнестија, што Таравари го нарече предавство. Одлуката ќе зависи од уставните измени.
„Посебно по Законот за амнестија кога се случи предавство, односно закон кој беше владин предлог, а пратениците на СДСМ не го гласаа. Ние се сомневаме, но не разговаравме поради уставните измени. Чекаме до крајот на ноември дали ќе се случат уставните измени. Иако веројатноста сега е многу мала, до крајот на ноември, почетокот на декември треба да ја донесеме конечната одлука“, рече Таравари.
Таравари вели дека одлуката треба да се донесе во партиските органи.
Фатлуме Дервиши