МОН апелира до наставниците да се вклучат како рецензенти за учебниците по Историја и општество

Министерот за образование и наука Јетон Шаќири ги повика сите наставници кои имаат забелешки за учебникот по Историја и општество за шесто одделение како рецензенти да се вклучат во неговата изработка. Нивните забелешки, како што вели Шаќири, ќе бидат земени во предвид за да може учебникот потоа да продолжи во наредната фаза, односно на печатење и дистрибуција.
Министерот Шаќири рече дека досега МОН неколку пати објавувало оглас за рецензенти за овој учебник, но никој не се пријавувал.
„Знаете дека за петто и шесто одделение авторските тимови до МОН имаат доставено ракописи и имаше неколку ситуации кога објавуваме оглас за рецензенти. Досега не се пријавени рецензенти и затоа се доставени дописи до сите факултети за да достават рецензенти и да може истиот учебник да продолжи во понатамошна фаза“, рече Шаќири денеска по отворањето на состанокот на Управниот комитет на COST – европска програма за соработка на областа на науката и технологијата.
Тој вели дека МОН е во постојан контакт со факултетите и очекува за седум дена рецензентите да имаат мислење за забелешките на учебникот по Историја и општество.
„Очекувам дека во наредниот период, најбрзо што може, професори ќе се вклучат како рецензенти за нивните забелешки да бидат земени предвид од Националната комисија за учебници. Затоа ги повикувам сите професори, како што се вклучија за сите други учебници што ги завршивме, да се вклучат и за учебникот по Историја и општество“, истакна Шаќири.