Самсоненко и мајката на Камчев меѓу 10-тте нови имиња на црната листа на САД

Соединетите Американски Држави ставија на црната листа 10 лица од Балканот. Според Министерството за финансии на САД, санкционираните лица се од Босна и Херцеговина, Црна Гора, Северна Македонија и Србија.
Од Македонија за персона нон грата за САД се прогласени Ратка Куновска Камчева, Ирина Самсоненко и Сергеј Самсоненко. Станува збор за мајката на бизнисменот Орце Камчев како и за неговиот деловен партнер Самсоненко и неговата сопруга. Самиот Камчев беше ставен на американската црна листа на 19 јули годинава. Камчев и неговата мајка се обвинети за перење пари во случајот „Парцели на Водно“, а кој беше поврзан со имотите на поранешниот премиер Никола Груевски на Водно. Според САД, сите горенаведени се вмешани во корупција, како и Камчев.
„Самсоненко, Ирина и Камчева се назначени во согласност со Извршната наредба 14033 за материјално помагање, спонзорирање или обезбедување финансиска, материјална или технолошка поддршка на стоки, услуги за поддршка на Јордан Камчев, лице чиј имот и сметки се блокирани согласно извршното решение 14033“, наведуваат од министерството за финансии на САД,
На американската црна листа се најде и Миодраг „Дака“ Давидовиќ, бизнисмен од Црна Гора. Давидовиќ е осомничен за шверц на цигари, оружје и нафта во Црна Гора. Давидовиќ ги проширил своите нелегални активности и во Македонија. Тој беше инволвиран и во случајот со апсењето на поранешниот владин секретар во Македонија, Драги Рашковски.
Министерството за финансии на САД:
„Тој (Давидовиќ) беше вмешан и во скандалот што доведе до апсење на генералниот секретар на Владата на Северна Македонија, Драги Рашковски, во времето на премиерот на Северна Македонија, Зоран Заев. Рашковски наводно земал мито од Давидовиќ за средба со премиерот Заев за да ги унапреди бизнис интересите на Давидовиќ“.
Американската амбасадорка во Скопје Агелер по објавувањето на црната листа изјави дека САД ќе продолжат да санкционираат и да бараат одговорност поединци и компании инволвирани во корупција.
„Овие постапки се илустрација како определени елити имаат полза од корупцијата и ги поткопуваат државните институции на сметка на граѓаните на оваа земја. Соединетите Американски Држави ќе продолжат да бараат одговорност од корумпираните актери, а денешната информација е само потсетник дека тоа со кого соработувате можно е да влијае на вас и на вашето семејство. Народот во Северна Македонија заслужува подобро“.