
Повеќе од 10 занаети кај нас се на работ да исчезнат. Еден од нив е грнчарството. За да се запре оваа појава, претседателот на Занаетчиската комора Агрон Фазлији, смета дека се младите. Но, за да се случи тоа, тие освен што треба да одлучат да останат во државава и да изберат да се занимаваат со некој занаети, треба да добијат и државни субвенции. Според него, треба да се изгласа и посебен закон.
„Факт е дека пазарот, иновациите, животот, сите си го прават своето. Во моментов не ни требаат самраџии, па затоа се обидуваме со иновации. На пример ако не може да прави големи самари, може да се прават мали самари за сувенири и да бидат производ од нашата држава. Со тоа овие десет активности како што се филигранот, грнчарството и тоа исчезнува полека, па мора да ги субвенционираме или да најдеме начин за овие стари занаети да бидат продуктивни во нивната работа“, рече Фазлији.
Првата дама, Елизабета Ѓорѓиевска, оценува дека занаетчиството не е само индустрија, туку и културен камен-темелник во структурата на нашиот идентитет.
Овие коментари беа дадени за време на форум во Скопје каде беше потпишан договор за членство на Занаетчиската комора во Сојузот на занаетчиски комори на Западен Балкан. Во групата се уште и соодветните комори од Албанија, Црна Гора, Србија, Косово и Босна и Херцеговина. Со потпишувањето на оваа декларација, земјите потписнички се обврзуваат да разменуваат информации за креирање политики во процесот на реформи, соработка со националните и локалните власти за формирање на занаетчиски комори во земјите членки на Западен Балкан, за трансфер на знаење и за институционална поддршка.
Авни Тахири