Политичарот Љупчо Палевски главен осомничен за убиството на младата Вања

Љупчо Палевски – Палчо е главноосомничениот организатор и извршител на двете грозоморни убиства – на 14-годишната Вања Ѓурчевска од Скопје и 74-годишниот велешанец Панче Жежовски. Ова се првичните сознанија на полицијата и обвинителството, откако тројцата евентуални соизвршители на Палевски во грабнувањето, признале вина. Петтиот осомничен пак е таткото на девојчето, кој наводно му дал информации на Палевски за движењето на сопствената ќерка. Но тој негирал вмешаност.
Грозоморните убиства и грабнувања се случиле поради пари. Вознемирувачки детали од утрината на 27 ноември кога девојчето тргнало кон училиште, сподели денеска министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски. Тој извршителите ги нарече монструми и бандити.
„Во влезот од зградата го земаат и е ставено практично со врзани раце и нозе во една вреќа за спиење и го изнесуваат и го ставаат во гепек од возилото“, рече Спасовски.
Обвинителство работи на откривање зошто дошло до убиство, кога првичниот план бил единствено да се изнудат пари преку грабнување.
„Нивните укажувања во таа насока се дека имале некаква паника, заради тоа што веќе јавноста била во тој момент целосно ангажирана околу барањето на детето и едниот од нив решил во тој момент дека парите ќе ги бараат дури подоцна откако ќе помине целата ситуација и затоа решава во тој момент да го ликвидира“, рече Гаврил Бубевски – ОЈО Скопје.
Она што ги издало грабнувачите е што при киднапирањето на Вања го користеле автомобилот на Панче Жежовски. Станува збор за граѓанин од Велес кој бил пријавен за исчезнат пет дена претходно, на 22-ри ноември. И тој подоцна е најден убиен.
„Со еден од осомничените имале некаков меѓусебен должничко-доверителски однос, односно пари должел некои си 500 евра и така е избран веројатно како жртва за да се земе колата и да се изврши грабнувањето. Тоа е она што го имаме сега како некоја линија зошто е прво извршено грабнувањето на Панче, убиството на Панче и земено е неговото возило за да се заврши целокупниот криминален потфат“, додава Бубевски.
Според исказите на тројцата кои признале вина, а кои ги дале во полицијата, Палевски, неговите сопартијци од партијата „Трета“ и таткото на девојчето имале намера да ги поделат парите кои мајката на Вања ги стекнала по продажба на стан. Родителите на девојчето подолг период биле разведени и не живееле заедно.
Додека признавале вина тројцата соизвршители во грабнувањето ја откриле и точната локација каде ги оставиле телата. И Вања и Панче наводно биле застрелани уште истиот ден кога биле грабнати, а пиштолот сè уште не е пронајден.
Недостапен за полицијата останува и Палевски, кој е главноосомничен за двете убиства. Тој ја напуштил земјава, влегол во Србија, а потоа и во Бугарија, по што му се губи трага.
Од Обвинителството информираат дека извршените дела грабнување и убиства, со користољубие како мотив, се казнуваат со најстрогата казна, односно доживотен затвор. Случајот е сè уште во предистрага. За тројцата осомничени е одреден притвор, а се очекува тоа да биде побарано и за таткото на девојчето. Штом се оформи кривична пријава, за Палевски ќе биде распишана меѓународна потерница.
Лука Андреев