Кој сакаше убиството на Вања да добие етничка конотација?

Меѓу првите информации што полицијата и обвинителството ги објавија за убиството на 14-годишната Вања беше дека сите осомничени за кривичното дело се од македонска етничка припадност. На овој начин, Спасовски рече дека се отфрлаат сите шпекулации дека наводно станува збор за случај од меѓуетнички размери, кои според него, ги прошириле одредени лица за националистички тензии.
Јавниот обвинител Гаврил Бубевски, рече дека ова е прв случај во историјата истражните органи да излезат и на медиумите да им дадат детали за етничката припадност на сторителите, а предметот е сè уште е во предистражна фаза. Целта била за случајот да не добие меѓуетничка димензија, туку да се третира професионално по објавувањето на обдукцискиот извештај од страна на Институтот за судска медицина и другите докази кои се прибираат.
„Денеска или утре МВР ќе поднесе кривични пријави со сите овие факти и докази, а потоа Јавното обвинителство ќе отвори истрага, која е формална постапка, според Законот за кривична постапка, да кажеме многу повеќе детали“, рече Бубевски.
Некој сакаше киднапирањето и убиството на Вања и велешанецот Панче да ги прогласат како и многу други за политички и криминално мотивирани случаи, велат од Центарот за меѓуетничка толеранција. Раководителот на ова здружение, Владо Димовски, вели дека криминалот не познава етничка припадност или религија, па затоа треба да се санкционираат оние кои клеветат и создаваат чувство на етничка несигурност и омраза.
Аднан Ќаили