ВЕСТИМАКЕДОНИЈА

Уапсен скопјанец кој му помогнал на Палевски да влезе во Турција

Љупчо Палевски Палчо влегол во Турција во саботата, на втори декември, говорат последните информации на органите на прогонот. Тоа се случило само неколку часа откако беа уапсени останатите осомничени. Но, Палчо не бил сам. Откако бил превезен во Србија од страна на неговиот адвокат, каде останал два дена, друго лице со џип марка Ленд ровер го превезува преку Бугарија се до Турција. Се работи за 46-годишен скопјанец кој е приведен и за кој се бара притвор од 48 часа. Ова е шесто лице кое е приведено, а поврзано со грабнувањето и убиствата на 14-годишната Вања Ѓорчевска и 74-годишниот Панче Жежовски. Против Палевски од вчера е распишана меѓународна потерница.

Advertisements

„Лицето осомничено дека сторило кривично дело, по кое сега е распишана меѓународна потерница, на 02.12.2023 година било регистрирано на граничните премини во Р.Бугарија и тоа со влез во Р.Бугарија на ГП Калотина и излез од Р.Бугарија на ГП Капитан Андреево (кон Р.Турција). И двете регистрации се со возило марка Ланд Ровер, управувано од осомничениот. Лицето е лишено од слобода и со него полициски службеници од Секторот за меѓународна соработка извршија информативен разговор“, велат од ЈО.

МВР денеска не даде други информации каде првоосомничениот се наоѓа во моментов и дали се следи некоја трага. Претходно судот му определи 30-дневен притвор на Палевски, а притворот ќе биде ефективен во моментот кога Палевски ќе биде достапен на полицијата. Од судот истакнаа дека постои можност тој да влијае врз сведоци или да го повтори кривичното дело.

„Согласно наредбата за спроведување истражна постапка, за лицето постои основано сомнение за кривичните дела Убиство од чл. 123 ст.2 т.7 вв со чл. 22, Грабнување од чл. 141 ст.2 вв ст.1 вв. чл. 22 и Предизвикување општа опасност од чл. 288. ст.1 вв со чл. 22 од КЗ.“, велат од Кривичен.

Останатите соучесници во грабнувањето на Вања се зад решетки во истражното одделение во затворот во Шутка. Меѓу нив е и таткото на Вања, Александар Ѓорчевски. Тој се сомничи дека на Палевски му ги открил деталите за движењето на сопствената ќерка, со цел заедно да изнудат пари од поранешната сопруга, која неодамна продала стан. Тој во првичниот исказ во полицијата негирал вмешаност, а истото го повторил и во денешниот исказ во Обвинителството.

Во затворот во Шутка, во посебни ќелии и разделени од останатите притвореници, остануваат и осомничените за грабнувањето. Тоа се сопартијците на Палевски од партијата „Десна“ кои признаа вина и во полицијата раскажале како се случиле убиствата и грабнувањата. За нив се очекува продолжување на притвор за 30 дена, наспроти актуелниот 48-часовен притвор кој им беше одреден, кога случајот се уште беше во предистрага.

По извршената обдукција на телата, следува Институтот за судска медицина да ги предаде наодите и конечниот извештај на надлежниот обвинител. Како што вчера информираше првиот човек на ОЈО – Скопје, Вања Ѓорчевска и Панче Жежовски биле застрелани истиот ден кога биле грабнати. Оружјето не е пронајдено.

Лука Андреев

Прикажи повеќе

Related Articles

Back to top button