ОЈО бара притвор за возачот на осомничениот за двојното убиство
ОЈО бара притвор за возачот на осомничениот за двојното убиство

Јавното обвинителство бара притвор за возачот на Палчо, Стефан Димковски, кој со својот личен автомобил од Белград, преку Бугарија го превезол до Турција, првоосомничениот за двојното убиство на Вања и Панчо.
„Осомничениот по претходна комуникација и договор со сторителот кој се наоѓал во Р.Србија со возило „ленд ровер“ со струмички регистерски ознаки, сопственост на правното лице се упатил кон Белград. Таму се сретнал со сторителот и заедно со автомобилот тргнале во правец на границата меѓу Србија и Бугарија – граничниот премин Калотина. Тие ја минале границата на 02.12.2023 година, движејќи се низ територијата на Република Бугарија, истиот ден пристигнале на границата со Турција, на граничната точка Капитан Андреево и влегле во Турција. Таму биле заедно до 03.12.2023 година, по што сторителот останал, а сега осомничениот со возилото преку Грција се упатил кон државава каде бил приведен на граничниот премин Стар Дојран“, велат од Јавно Обвинителство.
За адвокатот Васко Стојков, кој го превезол Палевски до Србија за да оди на лекарски преглед нема мерки.Од Обвинителството соопштија дека јавен обвинител оцени дека во овој момент не постојат законски основи да бидат предложени мерки на обезбедување, меѓутоа проверките за негова евентуална инволвираност во кривично-правен настан продолжуваат.Министерот Спасовски рече дека сега сите докази се испратени до Обвинителството и се очекува да преземат мерки.
За двојно убиство на 14-годишната Вања Ѓорчевска од Скопје на 27 ноември и 74-годишниот Панчо Жежовски од Велес, зад решетки се задржани четири лица меѓу кои и таткото на малолетничката за кој е одреден 30 -дневен притвор во Шутка. Во истражната постапка тие се обвинети за три кривични пријави за тешко убиство со умисла, киднапирање и предизвикување општа опасност, дела за кои е пропишана казна – доживотен затвор.
Аднан Ќаили