ВЕСТИМАКЕДОНИЈА

Власта и опозицијата различно го толкуваат Законот за Влада за техничкиот премиер

Власта и опозицијата различно го толкуваат Законот за Влада, во одредбата за номинирање на технички премиер. Дилемата ја покрена пратеникот на ВМРО-ДПМНЕ, Игор Јанушев. Тој на социјалните мрежи напиша дека премиерот Ковачевски селективно ги чита законите. Според него, власта го игнорира членот кој предвидува дека „сто дена пред одржување на избори… ќе се избере преодна Влада за спроведување на избори на пратеници, предводена од нов претседател на Влада кој го номинира партијата со најголем број на пратеници во Собранието”.

Advertisements

Во случајов, се алудира дека предлогот за технички премиер би требало да дојде од ВМРО-ДПМНЕ, зашто има најмногу пратеници во Собранието. Сепак, премиерот Ковачевски вели дека законот не се крши затоа што владејачката коалиција на СДСМ и ДУИ има најголем број пратеници. Па така, Талат Џафери останува да биде предлогот за нов технички премиер.

„Не се крши законот, затоа што и денешната и претходната влада е коалициска влада и ако го погледнете мандатот којшто го доделува претседателот на државата, тој го доделува на коалиција којашто има најмалку 61 пратеник во Собранието. Така се доделува мандатот, на оние што имаат 61 пратеник, така што со тоа ништо не се крши“, рече Ковачевски.

ВМРО-ДПМНЕ ќе ја носи одлуката за учество во техничката влада наредната недела. Сепак, вчера пратеникот Антонио Милошоски во телевизиско гостување кажа дека е подобро партијата да учествува во оваа влада, зашто така има шанса да ги намали, како што рече, малверзациите на владините функционери. Денеска од опозициската партија предупредија дека власта подготвувала масовен поткуп и преку најавената помош сакала да купува гласови.

„Помошта која ја најави Ковачевски за компаниите и граѓаните не е ништо друго туку поткуп за избори. Ковачевски игра на картата на кратко паметење и мисли народот ги заборавил изминативе 7 години, но се лаже. Поткупот кој Ковачевски се спрема да го прави и да ја украде изборната волја нема да му помине“, велат од ВМРО-ДПМНЕ.

Во меѓувреме пак, од ДУИ го потврдија името на Џафери за кандидат за премиер. Потпретседателот на партијата, Бујар Османи воедно ги отфрли пишувањата на дел од медиумите дека во техничката Влада би немало место за Артан Груби, односно дека позицијата „прв вицепремиер“ ќе му била отстапена на СДСМ.

„Овие наводи се лажни, неосновани и како такви штетат на довербата на граѓаните во овие медиуми. Талат Џафери ќе биде назначен за премиер и нема да има други промени во секторите кои ги водат кадрите на ДУИ“, рече Османи.

Наследник на Џафери во спикерската фотелја пак, се очекува да биде координаторот на пратеничката група на СДСМ, Јован Митрески. Како што вчера оцени претседателот на државата Стево Пендаровски, постои голема можност Митрески да ја извршува и претседателската функција неколку денови или недели, зашто има веројатност наредниот шеф на државата да не биде инаугуриран до 12-ти мај. Во таков случај функцијата ја презема претседателот на Собранието. Вториот круг од претседателските избори, заедно со парламентарните, ќе се одржи на 8 мај, по што следува тридневен рок за жалби за евентуални нерегуларности во изборниот процес.

Лука Андреев

Прикажи повеќе

Related Articles

Back to top button