
Шефицата на бугарската дипломатија Екатерина Захариева Софија повторно со став дека Бугарија не го негира јазикот и идентитетот на Македонците, туку, таа смета дека процесот бил обратен, односно, како што рече „тие ги негираат правата на Бугарите. Таа ова го истакна во интервју за германскиот весник Велт објавено денеска, пренесува Дојче Веле на македонски јазик.
-Се согласувам (со вицепремиерот Никола Димитров, н.з.) дека секоја нација има право на самоопределување. Но не се согласувам со тврдењето дека ние им го негираме тоа право. Тоа не е точно, вели таа.
Захариева тврди дека во изминатите десет години 88.450 граѓани на Северна Македонија, добиле бугарско државјанство врз основа на нивното потекло.
– (…) Се разбира дека звучи ужасно доколку една земја и го негира правото на самоопределување на која било друга земја. Но, спротивното е точно. Во изминатите десет години 88.450 Северномакедонци добија бугарско државјанство врз основа на нивното потекло. Тие се бугарски и европски државјани. Тие имаат право на самоопределување. Но секој, кој денес во Република Северна Македонија се дефинира како граѓанин со бугарски корени, таму и понатаму се дискриминира. Пред околу две недели некои групи ги објавија личните податоци и адресите на овие луѓе, во некои случаи дури им се закануваа дека ќе ги обесат, вели Захариева за „Велт“.
Таа повторно со тврдења дека Северна Македонија ја политизира работата на мешовитата историска комисија, го блокира развојот на Коридорот 8 и бугарските инвестиции во земјата. Бугарската министерка дури ја обвини земјава дека лаже оти Бугарија и го негира идентитетот и јазикот и додаде дека „го слави мрачниот диктатор Тито“.
-За помалку од десет години тој убил речиси 1,7 милиони луѓе во поранешна Југославија. А, тие таму го слават него. Градоначалникот на Скопје е партиски другар на Заев. Потоа веќе таму не бев толку популарна. Ама тоа е исто како градоначалникот на Берлин да дојде на идеја да го слави денот на смртта на Хитлер, заклучува Захариева во интервјуто за „Велт“, пренесува Дојче Веле.
На прашањето, дали има надеж да се најде компромис до крајот на годинава, кога завршува германското претседавање со ЕУ, Захариева одговара со цитат од францускиот претседател: „Квалитетот е поважен од брзината на процесот“ и бара да престане омразата. Според Захариева од 1 септември до 20 ноември биле избројани 14.699 негативни објави за Бугарија во македонските медиуми и само четири неутрални. Таа, пак, тврди дека во Бугарија, во истиот период, имало 450 позитивни извештаи за Северна Македонија во медиумите.