Ковачевски и Мицкоски наскоро ќе се сретнат

Премиерот Димитар Ковачевски и лидерот на македонската опозиција Христијан Мицкоски наскоро ќе имаат средба на која ќе се разговара за техничките и кадровските прашања за 100-дневната Влада. Ковачевски не очекува ВМРО-ДПМНЕ да го прекрши Законот за Влада и да не учествува во неа.
За време на техничката влада, освен премиерот кој поднесува оставка и на негово место доаѓа кандидатот од партијата или коалицијата која ја сочинува Владата, министерот за внатрешни работи и министерот за труд и социјална политика ја напуштаат позицијата. На нивно место доаѓаат кадри од најголемата опозициска партија. Тоа значи дека во овој случај ВМРО и нивната коалиција би добиле и тројца заменици-министри и тоа за финансии, земјоделство и информатичко општество.
Во меѓувреме, најголемата партија на власт назначува дополнителни заменици-министри во МВР и труд и социјала, а нивните овластувања се регулирани и ограничени со Законот за Влада.
Според договорот постигнат меѓу СДСМ и ДУИ во 2020 година, техничкиот премиер ќе биде номиниран од партијата на Али Ахмети. Овој субјект минатата недела за оваа позиција го предложи актуелниот претседател на Собранието, Талат Џафери. На негово место пак, ќе биде избран Јован Митревски, координатор на пратеничката група на СДСМ. Партиите се спремни по овие избори да разговараат за целосно укинување на техничката Влада која во Законот за влада постои од 2016 година.
Адриан Керими