
По тренерските смени во Брера, Шкендија и Вардар, по завршувањето на есенскиот дел од Првата фудбалска лига промени на позицијата шеф на стручниот штаб направи и Силекс. Еден од најуспешните тренери во историјата на клубот, Горазд Михајлов, спогодбено се раздели со поранешниот шампион.
„Секогаш има крај на една епизода, епизода која траеше две ипол години. Можам да бидам презадоволен од постигнстите резултати, но тие не би се постигнале ако не ја имав подршката од моите соработници (спортскиот директор Ристиќ, Иванов, Глигоровски, Христовски, Динев, Мицков).
Успеавме да го вратиме Силекс на старите патеки во мак-фудбалот и константно да го подобруваме нашиот рејтинг со игрите и резултатите. Затоа на сите од клубот им благодарам од се срце за неизмерната подршка, шансата која ми ја доверија и ја оправдав со својата посветеност и резултати. Верувам дека во иднина ќе постигнувате позитивни резултати а јас ќе ве следам и навивам за вас. Ти благодарам Кратово, ти благодарам Силекс“, рече Михајлов.
Михајлов беше тренер со најдолг стаж во последните неколку години и направи големи работи во клубот од Кратово, вклучувајќи ја и титулата во Купот на Македонија и излегувањето на меѓународна сцена.
Силекс презими на четврттото место со 27 бода и само Стуга Трим Љум, Шкупи и Шкендија имаат подобра есен од кративчани. Од прволигашите само Струга Трим Љум, Тиквеш, Воска Спорт и Брегалница продолжуваат со тренерот со кој ја почнаа сезоната./Gol.mk/