(ВИДЕО) Земјоделците со трактори протестираат во Берлин

Здружението на германски земјоделци денеска (18.12.2023) одржува голема демонстрација пред Бранденбуршката порта во Берлин. Под мотото „Што е многу, многу е! Сега е доста!“, земјоделците кои во Берлин стигнаа и со трактори, го креваат гласот против планираното укинување на субвенции за дизел за земјоделците, потоа против укинување на даночните олеснувања за земјоделски возила, а со тоа и воопшто против поскапувањето на горивото.
Здружението на земјоделците од владата бара повлекување на овие планови, во спротивно, од јануари најавува „масовен отпор“, како што изјави претседателот Јоахим Руквид.
На демонстрацијата се очекува и обраќање на германскиот министер за земјоделство Џем Оздемир, кој ги критикуваше владините планови. Политичарот од Зелените за јавниот сервис АРД утрово изјави дека не е против мерки за штедење, но ја разбира загриженоста на земјоделците, смета дека овие резови се преголеми за аграрниот сектор.
„Пречекорена е границата на болка, посебно зашто нема алтернатива за дизелот кој се користи во земјоделството“, изјави Оздемир. Тој нагласи дека тешките земјоделски машини не можат толку едноставно да се префрлат на електричен погон, предупредувајќи од намалување на конкурентноста на германското земјоделство во однос на други земји.
Извор: Дојче Веле