Израел му предлага на Хамас еднонеделна пауза во замена за 40-ина заложници

Израел му предложил на Хамас еднонеделна пауза во борбите во замена за ослободување на околу 40 заложници, пренесува Си-ен-ен цитирајќи двајца израелски официјални лица.
Предлогот има за цел да ослободи заложници, меѓу кои има жени, постари лица, но и лица на кои им е потребна итна помош и нега.
„Договорот му е претставен на Хамас преку катарски посредници“, пишува Си-ен-ен.
Мајкл Херцог, израелскиот амбасадор во Соединетите Држави, потврди дека Израел е подготвен да ги прекине борбите доколку тоа би значело ослободување на што е можно повеќе заложници.
„Мислам дека е прерано да се каже дали имаме или немаме договор бидејќи досега Хамас одбиваше да направи друг договор“, изјавил Херцог за Си-ен-ен.
Сепак, тој се надева дека под притисок на она што го прават на терен, како и под притисок од Катарците, Хамас ќе се согласи да постигнат договор.