Во Kривичен завршни зборови на одбраната во „Ласкарци“

Во Основниот кривичен суд Скопје денеска треба да се одржат завршни зборови на обвинетите во случајот „Ласкарци“. Завршни зборови на изминатата расправа даде јавниот обвинител, Дарко Јакимовски, и бранителите на првообвинетиот, сопственик на „Дурмо Турс“, Дурмиш Белули.
На денешната расправа е предвидено завршни зборови да даде одбраната на одговорниот за транспорт во фирмата, Ремзи Мифтари и возачот на автобусот, Маноил Трифуновски, кои се товарат за сторени тешки дела против безбедноста на луѓето и имотот во сообраќајот, како и одбраната на тројцата вработени во станицата за технички преглед, Игор Ѓорѓиевски, Горан Дуковски и Јане Боварски, кои се товарат за соучество во истото дело.
Јавниот обвинител Дарко Јакимовски во завршните зборови на минатата расправа побара најстрога казна за обвинетите за автобуската несреќа што се случи во 2019 година кај Ласкарци. Според него, кај сите обвинети постоела безобѕирност во постапувањето и било прашање на време само по која основа, како што рече „хаосот на работењето може да резултира со вакви или слични последици“.
Тој истакна дека изведените докази во текот на расправата, надвор од разумен сомнеж покажуваат дека дејствијата на сите обвинети се во директна врска со последицата која резултираше со 16 лица кои загинаа.