
Европските парламентарни избори во јуни 2024 година би можеле да бидат исто судбоносни како и претседателската трка во САД, предупреди високиот претставник на Европската Унија за надворешна и безбедносна политика Жозеп Борел.
Тој за „Гардијан“ изјави дека верува оти стравот на гласачите од непознатото може да ги наведе да ги поддржат десничарските популистички партии.
– Се плашам од страв, се плашам дека Европејците ќе гласаат врз основа на страв. Научно е докажано дека стравот од непознатото и неизвесноста создава хормон кој бара сигурен одговор.
Тоа е факт, рече Борел. – Партиите кои можат да играат на стравот кај луѓето и да даваат лоши одговори на добри прашања, можат да ја привлечат поддршката на европското население, рече Борел.
Шефот на европската дипломатија вели дека прифаќа дека постојат и реални и согледани причини за загриженост, но ги повика гласачите да ги поддржат политичките сили кои можат да дадат јасна анализа на ситуацијата.
– Ако не можеме да го направиме тоа, мислам дека европските избори ќе бидат исто толку опасни како и оние во САД, рече Борел.